Не велиме дека постои магична формула. Потребно е многу работа и посветеност. Ништо нема да се случи преку ноќ, но добрата содржина, паметното водење на социјалните медиуми и малата инвестиција во рекламирање – може да направат многу за поголема посетеност на твојот веб-сајт.
Преку серијал од постови, ќе се обидеме да бидеме конкретни во насоките и да не ги повториме сите совети кои можеш да ги најдеш на интернет и кои не се нешто посебно корисни.
СОДРЖИНА, СОДРЖИНА, СОДРЖИНА...
Имаш веб-сајт со сите производи кои може да се најдат во твојата продавница? Внимавај на описот на производите. Кој вели дека тој треба да е сувопарен или досаден? Пронајди начин преку описот да им го „продадеш“ производот на твоите посетители. Секогаш имај го во предвид идеалниот купувач. Колку години има тој? Кои се неговите интереси? Каков е неговиот живот?
Дали мислиш дека доколку продаваш мебел, а не дизајнерска облека, тогаш описот на производот не може да биде интересен? И описот на една аголна гарнитура може да биде
поразличен од другите.
Описот на производите најчесто е ваков:
Гарнитура: Аполониа
Димензии: 280×220 x 101 x 96 cm
Опис: Механизми - потпирачи за глава. Гарнитура со можност за избор со или без механизам за спиење. Изработка: Природна кожа / Еко кожа / Штоф
Но, тој може да биде и ваков:
Се сеќаваш колку беше забавно кога скокаше на креветот како дете? А на сите оние брканици околу него? Или онојпат кога со фломастер направи уметничко дело врз прекривката? Аполониа е гарнитура изработена од најквалитетни материјали кои ќе ги издржат сите детски палавштини и најважно - ќе им остави исто толку убави спомени на твоите деца.
Димензии: 280×220 x 101 x 96 cm. Можност за избор со или без механизам за спиење. Изработка: Природна кожа, еко-кожа или штоф.
Врз основа на што го направивме нашиот опис? Идеалните купувачи во салон за мебел би биле родители, најчесто со мали деца. На нив семејството, поточно децата, им се најважни и кога ќе ги потсетиш за „старите добри времиња“ од нивното детство – ќе направиш да посакаат да им го овозможат истото и на своите деца.
Што сакаме да кажеме? Биди поразличен од останатите. Избегни ги „стандардите“ и „шаблоните“ и направи нешто поинакво со твојот веб-сајт, блог или онлајн-продавница. Интересната содржина ќе направи посетителите да се задржат на твојот веб-сајт. А колку се тие подолго таму – толку е поголема шансата да купат нешто.
Во наредниот пост ќе говориме за тоа како на правилен начин да го користите Фејсбук со цел да привлечете повеќе посетители на вашиот веб-сајт. Кликнете на следниот линк и продолжете со наредната статија од серијалот: “
Како до повеќе посетители? Втор дел – Фејсбук”